Државни шампионки од Прилеп сами заминуваат во Сплит: Без поддршка, но со срце за градот и државата
Девојките кои се државни шампионки во мал фудбал ги прават последните подготовки пред заминувањето во Сплит, Хрватска, каде ќе учествуваат на Завршните игри на Спортските игри „Плазма“.
Како екипа на ООУ „Гоце Делчев“ од Прилеп, под името „Тигрици“, младите фудбалерки утре, во недела, заминуваат на ова големо спортско натпреварување, каде ќе го претставуваат своето училиште, градот Прилеп и државата.
Предводени од наставникот и ментор Кире Стефаноски, во Сплит ќе настапат Ања, Елена, Ангелина, Јана, Марија, Лина, Стефанија, Мелани, Ана Марија и Лана.
Зад овие девојки стојат сериозни резултати – тие се лански и актуелни државни прваци, а досега на сите натпреварувања достоинствено ги претставувале ООУ „Гоце Делчев“, Прилеп и Македонија.
Но, и покрај резултатите, патот до Сплит го минуваат без поддршката која веројатно ја заслужуваат.
И покрај доставените молби за спонзорства со цел екипата да биде испратена како што доликува на државни шампионки, поддршката изостана. Од Општина Прилеп, според информациите со кои располагаме, девојките не добија ниту организирано испраќање, ниту пригоден пречек, ниту посебно внимание за успехот што го постигнале.
Помош изостана и од компании од градот. И поголемите и помалите, чии имиња засега нема да ги споменуваме, не најдоа начин да помогнат барем со спортска опрема за тимот кој ќе го претставува Прилеп на меѓународна сцена – изјавија за отв родиелите
Но, „Тигрици“ сепак заминуваат.
Со својот труд, талент, ентузијазам и поддршката од своите најблиски и менторот, тие ќе излезат на теренот во Сплит и ќе се борат против екипи од регионот.
Каков и да биде резултатот, овие девојки веќе направија нешто големо – станаа државни шампионки и изборија место на Завршните игри на Спортските игри „Плазма“ во Сплит.
Не заминуваат со голема делегација, свечено испраќање или спонзорски пакет.
Заминуваат како „Тигрици“.
И токму затоа – со уште поголем респект.
Среќно, девојки! Нека се слушне за „Тигриците“ од Прилеп и во Сплит!



