Од куршум во кичмата до Зимска Параолимпијада – Зоран Јовановски ќе испише историја во Милано-Кортина 2026!

„Бев во војска, дојдов дома на редовно, излегов во кафеана… Двајца се скараа, едниот извади пиштол. Пукаше. Рикушет од цемент, од стол… и куршумот заврши во мојата кичма. 49 дена лежев во тогашна Воена болница. Видов дека животот мора да продолжи. Сакам или не сакам – животот мора да продолжи.“



Со овие зборови минатата година Зоран Јовановски од Василево ја раскажа својата животна приказна во видео прилог за АД Славеј.

Денес, таа приказна добива историско продолжение.

Зоран Јовановски ќе биде првиот македонски параолимпиец кој ќе настапи на Зимските параолимписки игри Милано-Кортина 2026, што ќе се одржат од 6 до 15 март во Милано и Кортина д’Ампецо.

Од куршум во кичмата до олимписка патека – ова не е само спортска вест, туку приказна за храброст, упорност и победа над животните удари.

„Количката не е препрека, таа е дел од мојот пат“, порачува Јовановски. Спортот, вели, отсекогаш бил негова страст – а денес таа страст ја носи Македонија на светската параолимписка сцена.

Неговиот настап ќе испише нова страница во македонската спортска историја и ќе биде инспирација за сите млади спортисти – дека со дисциплина, вера и истрајност, соништата се достижни.

Да му посакаме среќа и да го бодриме!

Слични Објави