Нападнати командирот и пожарникар на ТППЕ Прилеп, оштетено и противпожарно возило
Командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Прилеп и уште еден пожарникар биле нападнати при обид да пристапат до пожар во близина на местото Кронејца, зад „Металец“ во Прилеп.
Според информации од извор од ТППЕ Прилеп, пожарникарите при обидот да пристапат до пожарот биле спречени од лице кое, наводно, чувало тутун. Лицето не им дозволувало да поминат и, според информациите, им се заканувало дека ќе ги убие.
Ситуацијата ескалирала кога лицето, наводно, ги нападнало пожарникарите одзади. При нападот едниот пожарникар бил посериозно повреден, при што, според изворот, за малку не бил онесвестен.
Во инцидентот било оштетено и противпожарно возило на ТППЕ Прилеп. Според информациите, возилото било гаѓано со камења, при што била скршена предната шофершајбна.
Командирот и пожарникарот по инцидентот биле пренесени во Градската болница во Прилеп, каде им била укажана медицинска помош.
Случајот е пријавен во полиција, а надлежните институции постапуваат.
Според информациите со кои располагаме, напаѓачот бил службено лице. Деталите за неговиот идентитет и правната квалификација на настанот засега не се официјално потврдени.
Од надлежните институции очекуваме дополнителни информации за случајот.
Во текот на вчерашниот ден, уапсен пироман кој повеќе пати потпалувал кај Заград



