Поднесени пријави до ДКСК и Обвинителството против советник од Прилеп поради сомнежи за судир на интереси и злоупотреба

До Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ЈО ГОКК) е поднесена пријава против претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп и советник во Советот на Општина Прилеп, Христијан Тунески, како и против членови на Комисијата за финансирање и буџет и сосопственици на две здруженија на граѓани.

Според наводите во пријавата, Тунески, како член на Комисијата за финансирање и буџет, на седница одржана на 5 мај 2026 година учествувал во разгледувањето и гласањето за распределба на средства од Буџетот на Општина Прилеп за 2026 година, при што гласал „за“ доделување на 100.000 денари на Здружението за организација на спортски и културни настани „ТРЧА 2023“ – здружение за кое подносителот тврди дека е во негова сопственост.

Во пријавата се наведува и дека на 16. седница на Советот на Општина Прилеп, Тунески повторно гласал „за“ одлуката за распределба на средствата без, како што се тврди, да го извести Советот за својот интерес во здружението и без претходно да побара мислење од ДКСК.

Дополнително, подносителот наведува дека дел од сопствениците на здружението „ТРЧА 2023“ се јавуваат и како сопственици на Здружението за промоција на културата и организација на настани „ВАЈБ ЕВЕНТС“ – здружение кое добило 2.000.000 денари од Буџетот на Општина Прилеп за организација на „Фестивал на пивото 2026“.

Според подносителот, преку овие две здруженија биле обезбедени вкупно 2.100.000 денари буџетски средства, при што се тврди дека постоел судир на интереси и поврзаност меѓу лицата кои одлучувале и корисниците на средствата.

Во пријавата се наведува и дека членовите на Комисијата за финансирање и буџет биле должни да го утврдат евентуалниот судир на интереси, но сепак овозможиле донесување на одлуките.

Подносителот дополнително тврди дека здружението „ТРЧА 2023“ обезбедило над 1,5 милиони денари преку донации, додека „ВАЈБ ЕВЕНТС“ остварило повеќе од 8 милиони денари преку спонзорства, донации и приходи од издавање јавен простор за штандови за време на „Фестивалот на пивото 2026“.

Поради овие наводи, до ЈО ГОКК е поднесена и кривична пријава за сомнение за сторени кривични дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Несовесно работење во службата“.

Пријавата ја поднесе адвокатот Жарко Стеваноски, кои е и советник во Советот на Општина Прилеп

Слични Објави