| |

Одадено сеќавање на бранителите загинати во масакрот кај Вејце

Со положување свежо цвеќе и минута молк, денес беше оддадена почит на македонските бранители загинати пред 24 години во масакрот кај Вејце. Цвеќе беше положено на споменикот на Марјан Божиновски во селото Ивањевци, на спомен-обележјето „Ангел“ кај Саат-кулата во Битола, како и во кругот на СВР Битола. На 28 април 2001 година, на планинскиот пат меѓу селата Селце и Вејце, во безизлезна кривина, се случи еден од најтрагичните настани во поновата македонска историја. Осум припадници на специјалната единица „Волци“ и на Посебната единица на СВР Битола беа убиени од заседа, масакрирани и живи запалени додека го бранеа суверенитетот и територијалниот интегритет на државата.

Во нападот животот го загубија:

  • Марјан Божиновски (27) од Ивањевци — Битолско,
  • Бошко Најдовски (24) од Долно Оризари — Битолско,
  • Илче Стојановски (24) од Породин — Битолско,
  • Кире Костадиновски (24) од Горно Оризари — Битолско,
  • Роберт Петковски (27) од Бунарџик — Скопско,
  • Бобан Трајковски (28) од Куманово,
  • Игор Костески (26) од Кисела Вода — Скопје,
  • Миле Јаневски (30) од Македонска Каменица.

Денешниот настан беше организиран со присуство на семејствата на загинатите, припадници на безбедносните сили, претставници на локалните институции и граѓани кои изразија благодарност за жртвата на хероите. „Овие имиња се запишани со златни букви во историјата на Македонија. Хероите никогаш не умираат,“ беше пораката што одекна на сите собири на сеќавање.

Слични Објави