|

Процедурално: Резултатите стигнаа, пари двојно… ама каде е логиката?

И оваа година, како и секоја претходна, Општина Прилеп објави распределба на средства за спортот, културата и граѓанските здруженија. Буџетот е поголем, а за овие области се издвоени значително повеќе средства од минатата година.

Тоа е добра вест.

Но, веднаш се наметнува прашањето; Каква е користа од годишна програма ако одлуките се носат, кога половина од годината веќе поминала?

Не е ова проблем што се појавил преку ноќ.

До пред две години, одлуките за распределба на средствата најчесто се носеа до почетокот на април. Не беше идеално, но организациите имаа доволно време да ги реализираат програмите.

Минатата година резултатите беа објавени на почетокот на мај. Беше изборна година и, во македонски услови, секогаш има застои во работата на институциите. Тоа можеше донекаде да се разбере.

Но годинава веќе нема такво оправдување.

Нема избори, нема институционални блокади, а резултатите се објавуваат дури сега, додека исплатата на средствата, според најоптимистичките очекувања, ќе започне некаде во текот на јули… најверојатно по ребалансот на буџетот.

Практично, повеќе од половина од годината ќе помине пред корисниците воопшто да ги добијат средствата.

А годишна програма што започнува во втората половина од годината веќе не е годишна програма. Таа станува импровизација.

Спортските клубови веќе ги запвршија натпреварувањата. Културните организации веќе реализираа дел од своите програми. Граѓанските здруженија или ги спроведоа активностите со сопствени средства или ги одложија поради неизвесноста.

Така не се развиваат спортот, културата и граѓанскиот сектор.

Но, времето не е единствениот проблем.

Јавноста повторно доби само список со имиња и суми.

Здружение – толку денари.

Спортски клуб – толку денари.

И толку.

Но каде се проектите?

Со каква програма аплицирало секое здружение? Кои активности се обврзало да ги реализира? Колкава е вредноста на проектот? Колкав дел е финансиран од Општината?

Тоа не се неважни детали. Напротив, тоа е суштината на целата постапка.

Ако некое здружение поднело проект вреден 100.000 денари, а добило 20.000, јавноста има право да знае дали проектот воопшто може да се реализира во предвидениот обем.

Од друга страна, ако некое здружение организира еден или два рекреативни настани годишно, без значителни организациски трошоци, а добие 100.000 денари, повторно се поставува прашањето, за што конкретно ќе бидат потрошени тие средства?

Истото важи и за спортот.

Со години општински средства добиваат и приватни спортски школи и клубови кои наплатуваат членарини, тренинзи, кампови, опрема и патувања. Не е спорно дека работат со деца и придонесуваат за развојот на спортот.

Но, кога добиваат буџетски средства, тие повеќе не се само приватен субјект. Тогаш јавноста има право да знае што добива за возврат.

Буџетските пари не смеат да бидат поддршка за нечии приватни приходи.

Секој денар од општинскиот буџет мора да создава јавна вредност.

Повеќе бесплатни програми за децата.

Повеќе јавни спортски и културни настани.

Повеќе активности достапни за сите граѓани.

Поголемо учество на младите.

Поквалитетна културна понуда во градот.

Тоа е јавниот интерес.

Тоа што некоја приватна спортска школа ќе оствари поголем профит не е јавен интерес.

Во разговори со членови на комисијата, уште пред да бидат објавени резултатите, образложението беше дека новиот правилник бил премногу сложен, дека комисијата одржала дванаесет или тринаесет состаноци и дека бројот на апликации бил огромен.

Тоа е сосема можно.

Но токму затоа уште повеќе зачудува што, кога записникот дојде на седница на Советот, советниците едногласно констатираа дека постои потреба од изработка на нов правилник. Истата комисија доби задача да го подготви.

Тоа практично значи дека уште при првата примена станало јасно дека сегашниот модел не функционира доволно добро.

Затоа, наместо секоја година да ги повторуваме истите забелешки, време е за сериозни промени.

Да се одвојат спортот, културата и граѓанските здруженија во посебни комисии или барем во посебни стручни тела.

Кога ќе пристигнат апликациите, во работата на комисиите да се вклучат искусни спортски работници, културни дејци и претставници на граѓанскиот сектор, кои ќе помогнат проектите да се оценуваат стручно и квалитетно.

Апликациите да се поднесуваат пред почетокот на годината за која се однесуваат, а резултатите да бидат објавени најдоцна до крајот на јануари.

Само така организациите ќе можат нормално да планираат и да работат.

И уште нешто.

Да престанеме успехот да го мериме според тоа колку субјекти добиле средства.

Квантитетот не е квалитет.

Подобро е да се поддржат помал број навистина добри, квалитетни и значајни проекти, отколку симболично да се поделат средства на сите, без вистински ефект.

Ако Општина Прилеп искрено сака да помогне во развојот на спортот, културата и граѓанскиот сектор, тогаш овие средства мора да почнат да се распределуваат многу посериозно, постручно и потранспарентно.

Целта не е само да се потрошат буџетските пари.

Целта е тие да создадат подобар спорт, побогата и поквалитетна културна програма и граѓански активизам што ќе го направи Прилеп поубаво место за живеење и попривлечно за посета во текот на целата година.

Тогаш секој денар ќе има смисла.

А токму тоа е и единствената смисла на јавните пари.

Слични Објави