ДРЖАВНИ ШАМПИОНКИ: Ученичките од ООУ „Гоце Делчев“ – Прилеп ќе ја претставуваат Македонија на Балканското првенство во Сплит

Ученичките од ООУ „Гоце Делчев“ од Прилеп се новите државни шампионки во мал фудбал, откако го освоија првото место на државното финале од Плазма Спортските игри на младите, кое се одржа на 30 јуни во Скопје.

Златниот тим го сочинуваат Ања, Елена, Ангелина, Лина, Јана, Клара, Ана Марија, Мелани и Лана – девојки кои со борбеност, дисциплина, тимски дух и исклучителен талент достоинствено ги претставија своето училиште, Прилеп и Македонија.

Значаен придонес за овој успех има нивниот наставник и ментор Игор Чадамов, кој со својата посветеност, стручност и верба во тимот успеа да создаде шампионска генерација. Неговата поддршка и лидерство беа важен фактор на патот до државната титула.

Дополнителна гордост за прилепскиот спорт е што пет од шампионките – Ања, Елена, Ангелина, Лина и Јана – се активни членки на женскиот фудбалски клуб „Цевитана“ од Прилеп. Под водство на нивната тренерка Катерина Милеска тие бележат одлични резултати, а нејзината поддршка, присуството на финалниот турнир во Скопје и стручните совети беа дополнителен мотив за девојките во најважните моменти.

По освоената државна титула, пред младите фудбалерки следува нов голем предизвик. Од 17 до 22 август тие ќе ја претставуваат Македонија на Балканското првенство во Сплит, Хрватска, каде ќе имаат можност повторно да ги покажат своите квалитети и да се борат за нов успех.

Овој резултат е уште една потврда дека женскиот фудбал во Македонија напредува, а младите спортистки од Прилеп покажуваат дека со труд, дисциплина и посветеност можат да се стигнат и најголемите успеси.

На шампионките, нивниот ментор Игор Чадамов и тренерката Катерина Милеска им посакуваме многу успех на претстојното Балканско првенство и достојно претставување на Македонија.

Слични Објави