Ново правило на пешачките премини во Битола – Прво тастер, па зелено светло
Општина Битола ги пушти во редовен режим на работа новите пешачки семафори кај плоштадот „Гоце Делчев“ и кај Камен мост, со дополнително појаснување до граѓаните за начинот на нивното користење.
Од локалната самоуправа информираат дека пешаците задолжително треба да го притиснат тастерот поставен на столбот од семафорот за системот да регистрира барање за премин. Без притискање на копчето, зелен сигнал за пешаците нема автоматски да се вклучи.
Според утврдениот режим, по активирањето на тастерот пешаците добиваат 15 секунди за безбедно преминување на улицата, по што следуваат 15 секунди во кои сообраќајот се одвива непречено за возилата.
Од Општина Битола нагласуваат дека и кога повеќе лица чекаат на пешачкиот премин, потребно е некој од нив да го притисне тастерот за да се активира зелениот сигнал.
„Семафорите кај плоштадот „Гоце Делчев“ и на „Камен мост“ се ставени во редовен режим на работа. На нив постои тастер со притискање за регулирање на движењето на пешаците, чие времетраење е 15 секунди за пешаците, а потоа следните 15 секунди се за возилата“, соопшти Општина Битола.
Во објавата се наведува и дека тастерот за регулирање е изработен од македонската компанија „Електро Софт“, која го изработила и контролерот на семафорите, додека самите семафори се странско производство.
Новите семафори беа поставени во јуни како дел од променетиот сообраќаен режим во центарот на Битола. Пред официјалното пуштање во употреба работеа во режим на трепкање, со цел граѓаните и возачите постепено да се приспособат на новиот начин на регулирање на сообраќајот.
Поставувањето на семафорите е дел од поширокиот план за уредување на централното градско подрачје, со кој просторот околу плоштадот „Гоце Делчев“ постепено ќе се ослободува од возила и ќе се претвора во пешачка зона.



