Започна 60. издание на МТФ – До 12. Јуни „Храбриот нов театар“ ќе го „магепсува“ Прилеп
Со изложбата „60 години МТФ ‘Војдан Чернодрински’“, од пред зградата на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, а потоа и во Центарот за култура „Марко Цепенков“, свечено беше отворено 60-тото јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
На отворањето беа врачени наградите за животно дело на актерите Веби Ќерими и Атила Клинче, театарскиот деец Љубомир Чадиковски и режисерот Сашо Миленковски. Фестивалската програма започна со изведбата на претставата „Мачкина глава“ на Драмски театар – Скопје, прва во официјалната конкуренција.
Под мотото „Храбриот нов театар“, фестивалот ќе трае до 12 јуни, а сите фестивалски содржини ќе се реализираат во Центарот за култура „Марко Цепенков“. Годинашното издание отвора простор за преиспитување на современите општествени и човечки предизвици, повикувајќи на театар што има став, поставува прашања и поттикнува дијалог.


