ФОЛТИН ВЕЧЕРВА НА ЛЕТНА СЦЕНА ВО ЦЕПЕНКОВ

Целовечерен концерт на „Фолтин“ ќе се одржи во сабота, 6 септември, на летната сцена на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, со почеток во 21:30 часот.

Оваа и следната година бендот ја одбележува својата 30-годишнина од формирањето и првиот настап. Основани во 1995 година во Битола, „Фолтин“ се препознатливи по својот автентичен уметнички и експериментален израз. Карактеристични се нивните текстови во форма на „спонтан есперанто“ – фонетска имитација на различни медитерански јазици, како и нивниот единствен стил наречен „псевдо-емигрантско кабаре“ – спој на традиционална музика, електроника и рок, збогатен со визуелни перформанси.

Последните години, со текстови на македонски јазик, „Фолтин“ отвора ново поглавје, внесувајќи влијанија од алтернативниот рок и новиот бран, но притоа останувајќи верни на врската со традицијата и кабарето. Во својата кариера имаат објавено повеќе од десет студиски изданија, а нивната музика е интегрална во над триесет театарски претстави и неколку филмови, меѓу кои „Плати и жени“, „Со љубов“, „Исцелител“, „Медена земја“ и други.

Концертот се реализира во соработка со ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп и со поддршка на Програмата за проекти од национален интерес за 2025 година на Министерството за култура и туризам.

Слични Објави