Градиште – Црнобуки добива меѓународно внимание
Општина Битола и Институтот за културно наследство и археологија денеска официјално потпишаа меморандум за соработка, со кој се отвораат нови можности за развој и промоција на културниот туризам во регионот. Документот беше потпишан во рамки на средбата меѓу градоначалникот Тони Коњановски и делегација на Американско-македонскиот археолошко-истражувачки тим.
Делегацијата беше предводена од проф. Николас Ангелоф од Универзитетот „Кал Поли Хамболт“ во Калифорнија, заедно со проф. д-р Љубен Тевдовски од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Славчо Кирковски од Институтот за културно наследство и археологија. На средбата присуствуваа и Џефри Крејн, декан на Факултетот за уметност, хуманистички и општествени науки на Кал Поли Хамболт, како и претставници на американски компании заинтересирани за соработка во областа на културниот и археолошкиот туризам.
Разговорите беа фокусирани на потенцијалот за проширување на археолошките истражувања на локалитетот Градиште – Црнобуки, како и можностите за вклучување нови локалитети од поширокиот битолски регион. Посебен акцент беше ставен на зголемување на меѓународната соработка преку ангажирање археолошки тимови од други европски и американски универзитети.
„Битола има огромен културно-историски потенцијал кој заслужува да биде истражен и презентиран пред светската јавност. Со овој меморандум создадовме основа за долгорочна и плодна соработка која ќе придонесе за економски развој преку културниот туризам“, изјави градоначалникот Коњановски.
Потпишувањето на меморандумот претставува чекор напред во позиционирањето на Битола како значаен центар за културна и археолошка дејност, но и како атрактивна дестинација за научни истражувања и туристички посети.