(видео) 52, издание на фестивалот „Пеце Атанасовски“ викендов во Прилеп и Долнени
Оваа година, по 52. пат, ќе се одржи Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, еден од најдолговечните фестивали од ваков вид во Македонија, со традиција и континуитет со кои, како што велат организаторите, можат да се пофалат само уште неколку фестивали во државата.
Организаторите истакнаа дека е чест да се биде дел од тимот кој го реализира фестивалот, кој секоја година собира меѓу 220 и 250 учесници во двете фестивалски вечери. Голем број пријавени учесници биле разгледувани од Селекционата комисија, составена од проф. д-р Родна Величковска и доцент д-р Стојан Чекостов, кои во изминатите два месеци работеле и теренски и преку аудио и видео материјали за да ја подготват програмата.
Според организаторите, при селекцијата се водело сметка фестивалските вечери да имаат соодветно времетраење, но и да се усогласат со финансиските и техничките можности.
Годинава повторно е вклучен и едукативен дел, кој веќе прераснува во традиција. Во Спомен-куќата на Пеце Атанасовски во Долнени се одржала дводневна едукативна работилница со ученици од ООУ „Пеце Даскалот“ од Долнени. На работилницата се обработувале теми поврзани со историјата на фестивалот, етнографските карактеристики, традиционалното пеење и народните инструменти.
Учениците имале можност да слушнат повеќе традиционални инструменти од Македонија, а заедно со организаторите вежбале и неколку традиционални песни. Планирано е токму тие да настапат на затворањето на фестивалот во сабота, со изведба на песната „Оти дојдов в село Долнени“.
Првата фестивалска вечер ќе се одржи во петок, на 22 мај, на Камената бина на плоштадот „Александрија“ во Прилеп, со почеток во 18 часот. Втората вечер е закажана за сабота, 23 мај, во 18 часот, на амфитеатарот „Рудина“ во Долнени.
Организаторите информираа дека, доколку временските услови не дозволат одржување на настаните на отворено, предвидени се алтернативни локации. Во Прилеп фестивалот би се одржал во кино-салата „Мис Стон“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“, додека во Долнени програмата би се реализирала во салата на поранешната општинска зграда.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам, како и од општините Прилеп и Долнени. Од организацијата посочија дека досега имале сесрдна поддршка од институциите, а годинава Општина Прилеп ќе помогне со 60.000 денари. Општина Долнени, пак, ќе помогне со организацијата на наградата „Пеце Атанасовски“, озвучувањето и одржувањето на Спомен-куќата во Долнени.



