Проверете ги сметките – почна исплатата на парите од МојДДВ

Исплатата на средствата од „МојДДВ“ за првото тримесечје од 2026 година е во тек, информираа од Управа за јавни приходи. Исплатата се реализира етапно, согласно обработката на налозите, а граѓаните веќе почнаа да ги добиваат средствата на своите трансакциски сметки.

Според податоците на УЈП, близу 836 милиони денари или околу 13,6 милиони евра ќе бидат исплатени на 528.447 корисници кои скенирале фискални сметки преку апликацијата „МојДДВ“.

Од институцијата посочуваат дека кај 4.968 корисници е утврден неточен податок за трансакциска сметка, поради што исплатата не може да се реализира сè додека не се изврши корекција на податоците во апликацијата.

Дополнително, кај 7.560 корисници износот за поврат е помал од 50 денари, па тие средства ќе бидат префрлени и исплатени во следниот квартал.

Од УЈП апелираат граѓаните кои сè уште немаат добиено исплата од претходните или тековните поврати, задолжително да ги проверат податоците за трансакциската сметка во апликацијата „МојДДВ“, со цел исплатата да може непречено да се реализира.

Слични Објави