Планирана е набавка на 100 амбуланти возила
Владата донесе одлука за отпочнување на постапка за набавка на 100 нови модерно опремени амбулантни возила, кои ќе бидат распределени во јавните здравствени установи низ целата држава.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека приоритет на Владата е обновата на возниот парк на итната медицинска помош, кој со години се наоѓа во алармантна состојба.
„Наш главен приоритет е обновата на овој тип на возен парк во јавните медицински установи, имајќи предвид дека таму е катастрофално алармантна состојбата, бидејќи луѓето се потпираат на возила кои се донација. Како Влада на последната седница донесовме одлука за отпочнување на набавка на 100 нови модерно опремени возила“, изјави премиерот.
Според податоците, моментално во државата се користат околу 200 амбулантни возила, со просечна старост од 14 години. Повеќе од 70 проценти од нив се донации, што дополнително ја отежнува функционалноста и сигурноста на итната медицинска помош.
Во изминатите години беа реализирани неколку помали набавки, меѓу кои и таа од 2023 година кога беа набавени 22 нови возила, но состојбата остана сериозно незадоволителна. Најавената набавка од 100 возила е најголем чекор досега и, доколку биде успешно реализирана, ќе претставува значајно подобрување на здравствениот систем и поголема сигурност за пациентите.


