К.У.Работници со „500 денари рекет“ во Прилеп
Иницијативата за независна култура „500 денари рекет“ излезе со соопштение за нов концертен настан во Прилеп, со кој ќе се одбележи Денот на победата над фашизмот.
Во продолжение соопштението интегрално:
„Иницијативата за независна култура „500 денари рекет“ ќе се претстави со уште еден настан пред прилепската публика, овој пат со концерт на скопската група Културно Уметнички Работници.
Концертот ќе се одржи на 09 мај 2026 година во просториите на Урбаната заедница „Варошко маало“ – Општествениот дом „Спиро Забрчанец“, со почеток во 21:00 часот.
Сите заинтересирани кои сакаат да го проследат концертот, влезници ќе можат да купат непосредно пред почетокот на концертот, на врата, по цена од 250 денари.
Повелете на концерт и поддржете ја независната културна сцена со вашето присуство.
Листата на иницијатори „500 денари рекет“ е отворена за сите граѓани на Република Македонија и секој може да биде дел од неа.
Групата „Културно Уметнички Работници“ постои од март 1999 година. Формирањето на составот е резултат на дружењата во кафе-барот „Браво“ помеѓу членовите на групите „Тотално Опуштање“, „No Name Nation“, „Бомбашки Процес“, „Жолтица на Бродот Баунти“ и „Рок Агресори“.
К.У.Р. има одржано голем број самостојни концерти и настапувано на повеќе значајни фестивали во Македонија и регионот, меѓу кои Exit Festival, Alarma Punk Jazz Festival во Софија, Гитаријада во Зајечар, Пиво Ленд и Таксират.
Бендот настапувал и со групи и изведувачи како Kud Idijoti, Let 3, Rambo Amadeus, Zabranjeno Pušenje, Električni Orgazam и Darko Rundek.
Составот го сочинуваат:
Мирослав Тодоровски – вокал,
Трајче Митрески – вокал и гитара,
Марјан Китановски – вокал, гитара и усна хармоника,
Божо Вучиниќ – вокал и гитара,
Владимир Стојчевски – бас гитара,
Данко Хаџи Илиев – тапани.
Организаторите ги повикуваат прилепчани на 09 мај заеднички да го одбележат Денот на победата над фашизмот.“



