„Играј паметно, движи се безбедно“ – силна порака од најмладите
Во духот на креативноста и едукацијата, денес во Мултимедијалниот центар во Кривогаштани беа доделени наградите од ликовниот конкурс „Играј паметно, движи се безбедно и твори слободно“, со што уште еднаш се потврди дека најмладите имаат силна свест и порака за безбедноста во сообраќајот.
Конкурсот, организиран од Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, беше наменет за учениците од прво до деветто одделение и траеше десет дена. Во тој период пристигнаа голем број креативни творби преку кои учениците ја изразија својата перцепција за значењето на сообраќајната култура и безбедност.
Стручна комисија изврши селекција на најдобрите цртежи, по што беа доделени награди во три категории.
Во категоријата од прво до трето одделение наградени се: Ева Јовеска од ООУ „Манчу Матак“ – Крушеани, Лара Лозаноска од ООУ „Манчу Матак“ – Кривогаштани и Анастасија Димитроска од ООУ „Манчу Матак“ – Славеј.
Во категоријата од четврто до шесто одделение наградите ги добија: Теодора Кукеска од ООУ „Јонче Смугрески“ – Бела Црква, Валери Ефтинџиоска од истото училиште во Обршани и Николина Рујаноска од ООУ „Манчу Матак“ – Кривогаштани.
Кај учениците од седмо до деветто одделение, најдобрите беа: Теона Чагароска и Ана Цветкоска од ООУ „Манчу Матак“ – Кривогаштани, како и Матеј Мискоски од ООУ „Јонче Смугрески“ – Обршани.
За сите учесници беа доделени пофалници како признание за нивниот труд и креативност, но и за нивниот придонес во промоцијата на сообраќајната култура.
Во рамки на настанот беше отворена и изложба на наградените цртежи, која ќе биде достапна за посетителите и во наредниот период. Преку изложените дела, јавноста има можност да ја види детската визија за безбедно учество во сообраќајот.
На настанот присуствуваа претставници од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, градоначалникот на Општина Кривогаштани, како и претставници од образовните институции, родители и ученици.
Од организаторите упатија благодарност до сите учесници, наставници, спонзори и поддржувачи, нагласувајќи дека ваквите активности имаат особено значење за едукацијата на најмладите и за подигнување на свеста за безбедно и одговорно однесување во сообраќајот.



