|

Прилеп домаќин на градоначалникот на Копер и претставници на словенечката амбасада

Денес во Прилеп се одржа значајна средба помеѓу градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески и неговиот колега од збратимениот словенечки град Копер, Алеш Бржан, како и претставници на Амбасадата на Република Словенија. На состанокот се разговараше за можностите за продлабочување на соработката меѓу двата града, особено во областите на економијата, културата и инфраструктурниот развој.

Градоначалниците и дипломатските претставници размениле искуства и добри практики за локалниот развој, при што биле разгледани конкретни иницијативи за заеднички проекти кои би можеле да донесат придобивки за граѓаните на двете општини. Фокусот бил ставен на економските можности, инвестициите, како и културната размена која ќе придонесе за зајакнување на врските меѓу двете заедници.

„Разговаравме за актуелните предизвици и можностите за унапредување на нашите општини, како и за конкретни иницијативи што ќе придонесат за економски, културен и инфраструктурен развој. Ваквите партнерства се од огромно значење за размена на искуства и имплементација на добри практики. Продолжуваме да ја зајакнуваме меѓународната соработка во интерес на сите граѓани на општина Прилеп.“, истакна градоначалникот Јовчески на Прилеп.

Претставниците на Амбасадата на Република Словенија ја изразија својата поддршка за натамошно унапредување на односите помеѓу двата града и најавија иницијативи за зголемена соработка во образованието, туризмот и одржливиот развој.

Средбата во Прилеп претставува уште еден чекор кон зајакнување на меѓународната соработка и имплементација на нови проекти кои ќе ја унапредат локалната заедница и ќе придонесат за подобар квалитет на живот на граѓаните.

Слични Објави