Ученици од Прилеп го оживуваат нематеријалното наследство преку музејски перформанси
Започна снимањето на ученичките перформанси во ресторанот Македонска Куќа – Лаки, во рамките на проектот „Училиштата во музеите или Музејот во училиштата“, што го реализира НУ Завод и Музеј – Прилеп. Во активностите се вклучени ученици од ООУ Климент Охридски, кои ги подготвија своите перформанси под менторство на наставничката Јулијана Талеска.
Проектот претставува современ едукативен пристап кој ја поврзува наставата со музејската практика, овозможувајќи им на учениците преку глума, движење и сценска интерпретација да го истражуваат и доживеат културното наследство. Покрај класичното запознавање со историјата и традицијата, акцентот е ставен на нематеријалното културно наследство – она што не може да се изложи во витрина, туку се пренесува преку искуство, израз и комуникација.
Кустосот и раководител на проектот Александар Цветкоски нагласува дека токму овој сегмент е суштината на проектот.
„Нематеријалното културно наследство е најтешко ‘фатливо’, бидејќи нема материјална форма. Тоа е дел од нашата социјална и духовна култура – нешто што го живееме секојдневно, а често и не сме свесни за него“, истакнува Цветкоски.
Посебно внимание во проектот се посветува на традициската кинезија – научен пристап кој ги проучува гестикулациите, мимиките, движењата и фацијалните експресии како дел од културниот идентитет.
„Човекот не е само суштество кое говори, туку и гестикулира. Со секој исказ постои и ‘фаца’, односно израз кој ја носи вистинската порака. Тие движења не се вродени, туку се учат низ процесот на социјализација и токму затоа се дел од традицијата“, објаснува Цветкоски.
Тој додава дека Македонија е единствена земја во Европа која преку ваков проект институционално го негува овој вид наследство.
„Преку овие перформанси, децата учат како да го усогласат говорот со мимиката и гестикулацијата. Кај нас ‘фацата мора да ја следи мислата’ – во спротивно, пораката може да се сфати како саркастична, недоверлива или потценувачка. Тоа е суптилен, но многу значаен дел од комуникацијата кој го дефинира нашиот културен код“, потенцира тој.
Според него, токму преку вакви методологии се открива „етеричниот дух“ на народот – начинот на кој луѓето не само што зборуваат, туку и „кажуваат“ со своето однесување. Овој пристап бара и дополнителна подготовка.
„Не е лесно ова да се ‘фати’ со камера. Затоа и наставниците, и учениците, како и тимот кој работи на снимањето, поминуваат низ обуки за да се совладаат овие методи на изразување“, вели Цветкоски.
Покрај кинезијата, проектот обрнува внимание и на богатството на прилепскиот дијалект, особено на архаизмите и турцизмите.
„Овие зборови се дел од нашето секојдневие и носат многу прецизни значења – опишуваат карактери, односи и животни ситуации за кои во стандарден јазик би биле потребни повеќе зборови. Преку перформансите сакаме да ги потсетиме и зачуваме овие изрази“, додава Цветкоски.
Во рамките на проектот ќе бидат снимени вкупно седум ученички перформанси, подготвени според сценарија изработени во Музејот. Истите ќе бидат јавно презентирани по нивната финална продукција, која се очекува во текот на јуни, преку официјалните канали на установата.
Проектот е финансиски поддржан од Министерство за култура и туризам на Северна Македонија.


