|

Прилеп активно вклучен во реформите за управување со отпад

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, денеска присуствуваше на Регионалниот форум за управување со отпад „Заедно за регион без отпад: кон функционален и одржлив регионален систем“, што се одржа во Скопје.

Во својата објава на Фејсбук, Проданоски истакна дека реформите во управувањето со отпад веќе не се избор, туку неопходност за обезбедување одржлив развој и почиста животна средина.

Форумот беше отворен од амбасадорот на Шведска, Ола Сундстром, а воведни обраќања имаа заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, министерот за локална самоуправа Златко Перински, извршната директорка на ЗЕЛС Душица Перишиќ и извршниот директор на SALAR International, Рајан Нокс.

Тој посочи дека форумот претставува значаен чекор кон унапредување на системот за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион, нагласувајќи ја важноста од заедничка координација меѓу институциите, општините и меѓународните партнери.

„Во време кога реформите во оваа област се клучни, особено е важно што на едно место се обединуваат сите релевантни чинители, институции, општини и меѓународни партнери, со заедничка цел: изградба на ефикасен, одржлив и европски усогласен систем.

Како локална самоуправа, активно сме вклучени во овие процеси преку Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад, а напредокот веќе е видлив преку реализацијата на локалните акциски планови. Тоа ни дава силна основа да продолжиме уште поинтензивно во следната фаза.

Посебен фокус во наредниот период ќе биде ставен на изработката на новиот Регионален план за управување со отпад (2027–2032), кој ќе овозможи подобра координација, поефикасно користење на ресурсите и постепено воспоставување на модерен систем кој ќе обезбеди поквалитетни услуги и почиста животна средина за сите граѓани.

Општина Прилеп останува посветен партнер во овие процеси, со јасна визија, чиста, уредена и одржлива животна средина за сегашните и идните генерации.“

Слични Објави