Прилепските ротаријанци „матурираа“ – 18 години хуманост и посветеност

Ротари клуб Прилеп, одбележа значаен јубилеј – 18 години постоење и делување, симболично нарекувајќи го своето „полнолетство“ и „матура“. Свеченоста се одржа на 18 април 2026 година, во атмосфера исполнета со емоции, пријателство и хуманост.

Во присуство на бројни гости, пријатели и поддржувачи, вечерта помина со музика и стенд-ап настапи, но во фокусот беше хуманитарната мисија на клубот. Преку организираната јавна аукција беа продадени сите 16 уметнички дела, со што се обезбедени средства за набавка на прочистувачи за воздух за целосно опремување на уште две детски градинки во Прилеп.

Од Ротари клуб Прилеп истакнуваат дека изминатите години клубот се етаблирал како синоним за хуманизам, вредности и посветеност кон заедницата. Во текот на ротаријанската 2025/2026 година реализирани се повеќе од 20 проекти и активности, кои наишле на широка поддршка кај граѓаните.

Воедно, беше упатена благодарност до сите гости, меѓу кои и претставници на други ротари клубови од земјата и странство, како и до членовите на клубот кои со својата несебична работа го градат неговиот углед.

Денес, Ротари клуб Прилеп важи за еден од најголемите и најактивни клубови во државата, со јасна цел – да продолжи да создава позитивни промени во заедницата и во годините што следуваат.

Слични Објави