Промоција на монографијата „Еден музеј на една архитектура“ и отворање на Камерната галерија „Аче“ во Прилеп
Во Прилеп на 8 април (среда), во 19 часот, ќе се одржи свечен настан посветен на животот и делото на еден од најзначајните хроничари на градот, Ѓорѓи Ачески – Аче. Настанот ќе се реализира во објектот на училиштето „Бабанеделино“, каде ќе биде отворена Камерната галерија „Аче“.
Централниот дел од програмата е промоцијата на монографијата „Еден музеј на една архитектура“, дело кое преку цртежи, белешки и сеќавања го документира автентичниот изглед на македонската архитектура, често опишана како „сиромашно убава“. Публикацијата претставува значаен придонес во зачувувањето на културното наследство и колективната меморија.
Во рамки на настанот ќе биде отворена и Камерната галерија „Аче“, нов културен простор кој ќе ја негува и афирмира уметноста и творештвото на Ачески. Дополнително, присутните ќе имаат можност да проследат дигитална презентација со наслов „Аче – последниот боем“, која содржи дела од неговото творештво, дел од нив во сопственост на МАНУ, Национална галерија, како и од приватни колекции.
За ликот и делото на Ачески, како и за духот на боемскиот Прилеп, ќе говорат Мимоза Христоска, директорка на НУ Завод и музеј – Прилеп, кустосот Елизабета Иваноска, претставникот на списанието „Стремеж“, Александар Еленин, и уметникот Кирил Гегоски. Модератор на настанот ќе биде Паре Зареска виш кустос.
Организаторите упатуваат покана до сите љубители на уметноста да присуствуваат на овој значаен културен настан и заедно да му оддадат почит на човекот кој со своите цртежи ја овековечи историјата и архитектурата на Прилеп.


