„МАКЕДОНИЈА ВО СВЕТОТ НА ХЕРАЛДИКАТА“ – ОТВОРЕНА ИЗЛОЖБА ВО ДОМОТ НА КУЛТУРА „ДРАГИ ТОЗИЈА“ – РЕСЕН
Во фоајето на Домот на култура е отворена изложба на хералдички грбови под наслов „Македонија во светот на хералдиката“.
Хералдика или грбословие е наука која се занимава со правилата кои владеат при дизајнирањето, блазонирањето (опишување, читање) на грбовите. Хералдиката е севкупност на грбови како симболичен идентитет на поединци и групи и земји.
Изложбата која се одржа на 19.10.2024 година, на иницијатива на г-дин Ставре Џиков, во организација на Македонското грбословно друштво и Дом на култура “Драги Тозија ”- Ресен, содржи 35 панели поделени на два дела.
Првиот дел, за историските грбови поврзани со Македонија од 14 до 18 век, поделен во 3 дела: грбовите на Македонија од европските и илирските гробници, на Кралот на Македонија, припишаниот грб на Александар Македонски и принцот Македон од Ематија, а вториот дел е за современите македонски грбови, поделен во 3 дела: грбови на институции и организации, општински грбови и лични грбови.
На 10 јуни 1128 година, во Руен (сегашна Франција) англискиот крал Хенри Први го прогласи својот иден зет, Годфри Плантагенет за витез. Во таа прилика му е доделен грб, на син штит, шест златни лавови 3-2-1, кој се смета за прв запис за доделување на грб во историјата. Затоа овој датум се прославува како светски ден на хералдиката.
Автентичната изложба е дело на Иван Нацевски, потпретседател и д-р Јован Јоновски, претседател на Македонското грбословно друштво, а ликовното уредување е на Димитриј Михајловски од друштвото, кое е единственото стручно тело по хералдика во Македонија.
Покровител е градоначалникот на општина Ресен, г-дин Јован Тозиевски.
Настанот беше збогатен со класични музички дела, изведени од Анастасија Радевска, Христина Крстиновска и Илијана Стојаноска, ученици од школата за пијано.
Фотографии: Леа Стојановска