„Не правете го тоа во мојот автомобил“ – Промоција на најновата книга на Емил Крстески во Прилеп
Во Библиотека „Борка Талески“ утре напладне (12:00 часот) ќе биде промовирана најновата книга на Емил Крстески – новинар, политиколог и дипломат со богата меѓународна кариера.
Промотор на настанот ќе биде проф. д-р Александар Прокопиев
По тој повод, организаторите упатуваат покана одблиску да се запознаат со најновото дело на авторот, кој потекнува од Прилеп и дел од својот живот го има поминато токму во овој град.

Емил Крстески е доктор по политички науки од областа на меѓународните односи, а зад себе има богато творештво и професионално искуство. Досега има објавено шест книги посветени на надворешната политика и меѓународните односи, како и две збирки раскази – „Три дена во Париз“ и „Флик ен флак“. Првата збирка е преведена на српски јазик и промовирана во повеќе европски градови, меѓу кои Нови Сад, Шибеник и Прага.
Покрај книжевното творештво, Крстески се изразува и преку ликовната уметност, со реализирани три самостојни и учество на две групни изложби. Уште од гимназиските денови објавува поезија и проза во домашните медиуми.
Во својата кариера работел како надворешно-политички новинар и уредник во Македонска радио-телевизија, во дневниот весник Нова Македонија и во политичкиот неделник Пулс, како и дописник на Танјуг.
Крстески бил и државен советник за меѓународни односи во Кабинетот на претседателот на Собранието, директор на Државниот архив, како и вонреден и ополномоштен амбасадор во Чешката Република, со седиште во Прага. Дел од своето професионално усовршување го остварил и во Стразбур, каде ги следел сесиите на Европскиот парламент, како и во Њујорк, каде работел на својата докторска дисертација.


