Светските цени на нафтата во пад – се разгледува рекордно пуштање на резервите
Меѓународната агенција за енергија разгледува рекордно пуштање на стратешките резерви на нафта, потег што веќе почна да влијае на светските берзи и да го намалува притисокот врз цените.
По најавите за најголемата координирана акција во историјата на организацијата, цената на нафтата од типот „Brent“ се спушти на околу 87 долари за барел.
Иницијативата доаѓа како одговор на енергетските шокови предизвикани од конфликтот со Иран и блокадите во Персискиот Залив. Земјите членки на агенцијата располагаат со повеќе од 1,2 милијарди барели нафта во стратешките резерви.
Планот е да се надмине рекордот од 2022 година, кога беа ослободени 180 милиони барели нафта поради војната во Украина.
Во меѓувреме, новите цени на горивата во Македонија ќе бидат познати во понеделник, кога Регулаторната комисија за енергетика ќе ја донесе својата одлука. Според актуелните трендови на светските пазари, можно е намалување на цените и на домашниот пазар.


