Заедно за почиста Тризла! Акција за чистење во Тризла по повод Рамазан Бајрам
По повод претстојниот празник Рамазан Бајрам, ЈКП „Комуналец“ – Прилеп во соработка со жителите на населбата Тризла организира заедничка еколошка акција за чистење на населбата. Акцијата ќе се одржи на 15 март 2026 година (недела) со почеток во 08:00 часот, а збирното место е пред џамијата во населбата.
Во пресрет на активноста веќе е одржан координативен состанок со в.д. директорот на ЈКП „Комуналец“, Љуиша Јованоски, како и со иницијаторите Алмир Сулејманоски и Сенат Шабаноски, кои ќе ја координираат доброволната еко-акција.
Од јавното комунално претпријатие информираат дека ќе обезбедат контејнери за собирање на отпадот, потребен алат, транспорт на собраниот отпад до депонијата во Алинци, како и заштитни ракавици и вреќи за собирање отпад. Во акцијата ќе се вклучат и вработени од претпријатието.
Во рамките на акцијата е предвидено чистење на улиците во населбата, расчистување на неколку локации со диви депонии, уредување на јавни површини, како и чистење и косење на ромските гробишта.
Целта на иницијативата е да се подигне свеста кај граѓаните за значењето на чистата животна средина и заедничката грижа за просторот во кој живеат.
Организаторите упатуваат повик до сите жители на населбата Тризла, особено до младите и семејствата, да се приклучат на акцијата и со заеднички труд да придонесат за почиста и поуредена средина. На граѓаните кои нема да учествуваат им се препорачува да го исчистат просторот пред своите домови и отпадот да го одложат во соодветните канти за комунален отпад.
Организаторите потенцираат дека грижата за чистотата е заедничка одговорност и дека со мал придонес од секој поединец може да се направи голема промена за целата населба



