„Тримир“ – женски празник што со векови живее во Прилеп
„Тримир“ е стар обичај што се празнува третиот ден по Прочка, односно на самиот почеток на Велигденските пости. Во прилепскиот крај тој има посебно значење и се смета за женски празник, посветен на мајките, ќерките, младите невести и на новите поколенија. Иако времињата се менуваат, овој адет и денес се негува како живо наследство што се пренесува од колено на колено.
Во својата суштина, тримирот претставува тридневно строго воздржување од храна и вода – особен духовен подвиг во рамки на велигденскиот пост. Од полноќ по Прочка, кога започнуваат постите, домаќинката – најчесто мајка на млада невеста или на свршена девојка – три дена не јаде и не пие. Во минатото се сметало дека оној што ќе го издржи овој подвиг ќе биде благословен во текот на целата година. На третиот ден верниците се причестуваат на Литургијата на претходно осветените дарови, заокружувајќи го духовното прочистување.
Според народното верување, тримирот не е само телесно воздржување, туку и прочистување на мислите и душата. Се препорачувало ако се започне постот, да се истера до крај, како израз на лична решителност и вера.
Покрај духовната димензија, „Тримир“ има и силна семејна и социјална симболика. Овој ден е посветен на младите невести и свршените девојки, кои одат на гости кај своите мајки за да примат благослов и совети за брачниот живот. Низ разговори и дружење, поискусните жени им пренесуваат животни поуки – за почитта во бракот, грижата за домот и одговорноста кон семејството. Празникот отсекогаш бил доживуван како чин на женска солидарност и поддршка. Во него се испреплетуваат радоста, советите, искуството и желбата младите да изградат стабилни и среќни семејства.
На „Тримир“ се оди со дар. Гостинките носат боза, овошје и посни специјалитети, како знак на почит кон домаќинката што го „држи Тримир“. Особено место има бозата, која традиционално се смета за добра за доилките и младите мајки.
Трпезата е посна, но богата и разновидна: посно гравче, мали сарми од зелка, кравајчиња и погача, зелници со спанаќ или печурки, компоти, портокали и различни благи десерти.
Најкарактеристичен специјалитет е варената пченица со конопни зрна. Пченицата се вари од вечер, додека конопните зрна се киснат. Потоа се мелат, се додава топла вода и се процедува за да се добие бела течност „како млеко“, која се меша со пченицата. Овој обреден специјалитет се смета за симбол на чистота, плодност и нов живот и е препознатлив белег на прилепскиот „Тримир“.
Иако некогаш на овој ден се везело и плетело, денес повеќе се негува дружењето. Атмосферата е весела, со песна и разговори што траат со часови. Традиционално, мажите не учествуваат во прославата, оставајќи го денот на жените и нивното заедништво.
„Тримир“ е повеќе од обичај. Тој претставува симбол на духовна сила и самодисциплина, мајчин благослов, љубов и почит во бракот, како и стремеж кон мир и слога во домот. Во современото живеење, кога семејните вредности често се ставаат на тест, ваквите традиции добиваат уште поголемо значење. „Тримир“ останува потсетник дека жената отсекогаш била столб на домот и дека љубовта, трпението и меѓусебната почит се темелите врз кои се гради секое здраво семејство.


