Прилеп ги обедини младите спортисти од Пелагонија на зонските натпревари од „Плазма Спортските игри за млади“
Прилеп денеска беше домаќин на зонските натпревари во рамките на „Плазма Спортските игри за млади“, најголемата аматерска спортска манифестација за деца и млади во Европа, која преку спортот ги промовира вредностите на здравиот начин на живот, другарството и фер-плејот.
На спортските терени во градот учествуваа ученици и млади спортисти од Прилеп, Долнени, Демир Хисар, Кривогаштани и Крушево, кои се натпреваруваа во повеќе дисциплини, демонстрирајќи спортски дух, тимска игра и посветеност.
Настанот претставува значајна можност за младите од различни општини да се дружат, да разменат искуства и преку спортот да изградат нови пријателства, но и да ги промовираат вредностите на меѓусебната почит и толеранција.
Од локалната самоуправа истакнаа задоволство што Прилеп е дел од оваа голема спортска приказна, која со години успешно ги обединува младите од регионот и пошироко, поттикнувајќи ги кон активен и здрав животен стил.
Во рамките на настанот беше изразена благодарност до организаторите, Министерството за спорт, Федерацијата на училишен спорт, наставниците, тренерите и родителите за нивната континуирана поддршка во развојот на училишниот и младинскиот спорт.
Со домаќинството на вакви спортски манифестации, Прилеп ја потврдува својата посветеност кон создавање услови за правилен развој на младите, афирмација на спортските вредности и поттикнување на активното учество на младите во спортот.



