Проданоски оствари средба со амбасадорката на Кина – Фокус на економија, култура и образование
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, денеска оствари средба со амбасадорката на Народна Република Кина во Република Северна Македонија, Нејзината Екселенција Џијанг Сјаојан.
На средбата беа разгледани можностите за продлабочување и унапредување на билатералната соработка, со посебен акцент на економијата, туризмот, културата и образованието. Прилеп, како град со богата историја, значајно културно наследство и развиена економија, беше посочен како средина со сериозен потенцијал за привлекување туристи и инвестиции.
Соработката меѓу Прилеп и Народна Република Кина има долга традиција, која датира од 2013 година, кога во градот Де Јанг, провинцијата Сичуан, беше потпишан Меморандум за пријателска соработка меѓу двете општини. Со тоа беа поставени темелите за континуирани институционални и пријателски односи.
Посебно значајна е соработката во областа на образованието, каде дел од прилепските ученици и наставници имаат можност факултативно да го изучуваат кинескиот јазик, културата и обичаите. Оваа активност е резултат на партнерството меѓу Општина Прилеп, Амбасадата на Народна Република Кина и Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Од Општина Прилеп истакнуваат дека локалната самоуправа ќе продолжи активно да работи на јакнење на меѓународната соработка и отворање нови можности за развој на градот.


