Дали храната што ја јадеме е безбедна? Помфрит со поминат рок, пилешки стек…
АХВ спречи увоз на 20,5 тони компир со истечен рок и продолжува со засилени контроли на храна
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спречија увоз на 20.500 килограми замрзнат компир – помфрит, со поминат рок на употреба, кој бил наменет за продажба на македонскиот пазар. Компирот бил увезен од Холандија, а во присуство на инспектори од АХВ, забранетите количини беа нештетно уништени на депонијата Дрисла.
Во рамки на вонреден инспекциски надзор кај оператор со храна од животинско потекло, АХВ заплени и уништи 2.000 килограми небезбеден пилешки стек. Поради непочитување на процедурите на Добра хигиенска и Добра производствена пракса, на операторот му е изречена временa забрана за работа и парична казна од 4.400 евра во денарска противвредност.
Од октомври до денес, АХВ спроведува една од најинтензивните инспекциски офанзиви во последните години. Резултатите се алармантни – небезбедна храна се продавала во маркети, ресторани, месарници, па дури и во објекти во близина на училишта.
Во овој период, АХВ заплени и уништи повеќе од 60 тони небезбедна храна – од јаткасти плодови и месо до замрзнати производи и храна без декларации или потекло. Во контроли кај продавници и угостителски објекти инспекторите открија сериозни пропусти:
- 19 оператори продавале небезбедна храна,
- 30 имале незадоволителна хигиена,
- 26 работеле без регистрација,
- 32 немале здравствени прегледи на вработените,
- 7 објекти не ги исполнувале основните технички услови,
- а во неколку случаи не била спроведена дезинсекција и дератизација.
Поради прекршувањата, се изречени над 80 парични казни во вкупна вредност од над 45.000 евра, додека дел од објектите добија и забрана за работа.
Контролите беа спроведени и во училишни и градински кујни. Иако повеќето ги исполнуваат стандардите, се пронајдени случаи на лоша хигиена, погрешно декларирана храна и неспроведени здравствени прегледи на персоналот, поради што дел од храната е уништена.
Дали храната што ја јадеме е безбедна?
Засилените инспекции покажуваат дека системот функционира и дека небезбедната храна се спречува да стигне до потрошувачите. Од друга страна, бројот на неправилности укажува дека ризикот постои и дека е потребна поголема одговорност од производителите, трговците и угостителите.
АХВ најавува дека засилените надзори ќе продолжат, а граѓаните се охрабруваат да пријавуваат сомнителни производи и храна со нејасно потекло. Едно е јасно – безбедноста на храната зависи не само од инспекциите, туку и од совесноста на секој што ја произведува, преработува и продава.


