„ЧИСТА КУЌА“ НА ПРИЛЕПСКИОТ ТЕАТАР ЈА ПРОДОЛЖУВА КУЛТУРНАТА ПРОГРАМА ВО ГЕВГЕЛИЈА
Театарската претстава „Чиста куќа“ од американската драматург Сара Рул, во изведба на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, на 28 октомври 2025 година (вторник), со почеток во 19:00 часот, на сцената на Народниот театар во Гевгелија ќе го најави продолжението на театарската програма во рамките на манифестацијата „Гевгелија Град на културата за 2025 година“.
Влезот за претставата, која се организира од страна на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, а е поддржана од Министерството за култура и туризам и Општина Гевгелија, е бесплатен.
Претставата, во превод и режија на Тамара Стојаноска, е длабока човечка приказна што се фокусира на животот и смртта преку пет меѓусебно испреплетени ликови. Режисерката Стојаноска истакнува дека „Чиста куќа“ зборува за непредвидливите пресврти во животот, справувањето со болката, големината на простувањето, како и за љубовта и нејзиното губење.
Низ призмата на емпатија, траума, детски спомени и семејни односи, претставата симболично го користи чистењето како метафора за прочистување на внатрешниот емоционален хаос и обид за враќање на контролата во несигурниот свет. Вицовите, пак, се симболичен филтер преку кој ликовите се справуваат со животните тешкотии.
Драматургијата е дело на Лидија Митоска- Ѓорѓиевска, сценографијата и дизајнот на Филип Коруновски, а музички соработник е Ана Митоска. Во актерската екипа се: Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска- Клинческа, Јасмина Мицовска- Станкоска и Димитар Ѓорѓиевски.
„Чиста куќа“ е емотивно и инспиративно театарско искуство кое, преку поетичност, духовитост и елементи на магичен реализам, ја истакнува суштината на човечноста скриена во несовршеноста.


