Прилепските пијано бисери Исидора и Арсениј Ангелески со два концерта во Италија

Младите и талентирани пијанисти од Прилеп, Исидора и Арсениј Ангелески, оваа недела ќе одржат два концерта во Италија. Првиот настап е закажан за вечерва во Рим, во препознатливиот културен амбиент на „Chiostro di Campitelli al Teatro di Marcello“. Вториот концерт ќе се одржи во четврток во италијанскиот град Гротамаре, каде што ќе настапат пред интернационална публика.

Организатори на двата концерта се ALMA Academy Liszt Music Art, кои со својата работа овозможуваат промоција на млади таленти од различни земји на престижни европски сцени.

Младите пијанисти ќе ја претстават програмата со дела од Франц Лист, Клод Дебиси, Сергеј Рахманинов и Филип Глас. Со овој внимателно избран репертоар, тие ќе го прикажат својот широк музички дијапазон – од романтизмот до современата класична музика.

Со својот талент, виртуозност и младешка енергија, Исидора и Арсениј веќе го привлекуваат вниманието на европската публика, а нивните настапи претставуваат одлична можност за промоција на Македонија на културните сцени низ Европа.

Слични Објави