„500 денари рекет“ ја раздвижува алтернативната сцена во Прилеп со концерт на VEL и Горан Трајкоски – ГОТРА
Културната понуда во Прилеп во изминатите десетина години бележи сериозна стагнација, поради што љубителите на добра музика и културни настани често беа приморани да патуваат во други градови низ Македонија. Како одговор на таквата состојба, независната културна сцена во последните неколку години се наметна како главен двигател и организатор на културни случувања во градот.
Најнов придонес во таа насока доаѓа од иницијативата „500 денари рекет“, која најавува дека ќе иницира најмалку еден културен настан месечно. Првиот настан во рамки на оваа иницијатива, а воедно и прв ваков во Прилеп, ќе биде концертот и промоцијата на албумот на битолскиот бенд VEL, со специјален гостин – Горан Трајкоски – ГОТРА.
Како што беа претставени и на ПИН музичката конференција:
„Две креативни сили, една визија — првпат заедно на сцена. Горан Трајкоски – ГОТРА, еден од највлијателните автори и гласови на алтернативната и експериментална музика, се здружува со битолскиот бенд VEL за посебен настап што ги спојува длабоките музички корени со современиот звук. Од ‘Пред дождот’ до ‘Црнило’, оваа соработка отвора ново поглавје во македонската музичка авангарда.“
Изненадување на вечерта ќе биде и придружната изложба на прилепската авторка Костадинка Нешова-Солеска, под наслов „Шепот на соништата“, која ќе ги претстави своите уникатни ловци на соништа, изработувани во последните неколку години.
Настанот ќе се одржи на 05 декември 2025 година (петок), во кино салата „Мис Стон“, со почеток во 21:00 часот.
Влезницата ќе чини 200 денари, а средствата ќе бидат вложени во поддршка на идните културни настани.
Организаторите упатуваат покана до сите кои сакаат квалитетна музика, уметност и жива културна сцена – да бидат дел од оваа вечер.



