Прилеп домаќин на „Млеко 2025“ – фестивал на сточарството и млечните производи
Прилеп на 13 септември (денес) ќе биде центар на македонското сточарство и традиционалната храна со одржувањето на настанот „Млеко 2025: Гласот на сточарите“. Настанот, кој ќе се одржи на платото кај Саат Кулата и Камената Бина, ќе трае од 10 до 22 часот и ќе понуди богата програма за сите генерации.
Посетителите од 10 до 15 часот ќе можат да уживаат во изложбата и пазарот на млечни и други традиционални производи од локални производители. Свеченото отворање е закажано за 12 часот со поздравни говори на претседателката на Слоу Фуд Прилеп Тодорка Наумоска-Димески, претставници од Слоу Фуд Македонија, градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.
Во текот на денот е предвидена музичка програма со староградската „Романса“ и детско едукативно катче со работилница „Ние во чизмиите на сточарот“ со Гоце Бумбароски и Royal Kids House.
Од 14 до 16 часот ќе се одржи конференцијата „Гласот на сточарите“, со два панела посветени на предизвиците со регистрацијата на домашната продажба и на состојбата со човечките капацитети во секторот сточарство.
Фестивалот ќе заврши со диско супа организирана од „Слоу Фуд Млади Македонија“ и шеф Маре Јаневска, со настап на Јана Мучевска и Баже на Камената Бина.
Настанот го организираат „Слоу Фуд Прилеп“ и националната организација „Слоу Фуд Македонија“.



