Ротари клуб Прилеп донира прочистувачи за воздух во градинките
ЈОУДГ „Наша Иднина“ – Прилеп, со објектите во Аличаир и Бончејца, доби 21 нов прочистувач за воздух како донација од Ротари клубот Прилеп. Вредноста на донацијата изнесува околу 8.500 евра, а уредите се од светски реномиран производител.
Орде Ѓорѓиоски, претседател на Ротари клубот, изјави дека оваа акција е дел од програмските активности на клубот и дека донацијата е овозможена со поддршка од повеќе физички и правни лица.
Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, нагласи дека ваквата помош е од огромно значење, бидејќи обезбедува почиста и поздрава средина за децата во услови на глобално загадување.
„Во изминатиот месец, преку поддршка од Владата на Република Македонија, обезбедивме и 8 големи прочистувачи на воздух. Тие веќе се инсталирани во спортските сали на основните училишта, каде што учениците секојдневно престојуваат и тренираат, а два од нив се поставени и во холовите на градинките во населбите Точила и Бончејца“, изјави Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески
Директорката на ЈОУДГ „Наша Иднина“, Христина Трпческа, се заблагодари за донацијата, истакнувајќи дека на овој начин се подобруваат условите за престој на најмалите. Таа информира дека од 1 септември 2025 година во градинките се згрижени 1.482 деца, а листата на чекање е намалена на 60–70 деца, иако таа повторно расте во текот на годината.
На крајот, Ротари клубот Прилеп доби симболична награда од децата и вработените во градинките – рачно изработена фотографија од рециклирачки материјал.



