Жителите на Љубојно со секојдневни протести против сечата на шумата -„Не запираме додека не добиеме гаранции“
Жителите стравуваат од еколошка катастрофа
Жителите на преспанското село Љубојно веќе две недели секојдневно протестираат против сечата на шумата над селото, во близина на црквите „Св. Атанас“ и „Св. Петар и Павле“. Тие велат дека со упорноста засега ја запреле активноста на приватната компанија, но нема да се повлечат сѐ додека не добијат официјална гаранција од институциите дека сечата нема да продолжи.
Протестите се одржуваат секој ден од 9:30 до 11 часот. Мештаните облечени во маици со натпис „Сите го сакаме Љубојно“ предупредуваат дека голата сеча ќе донесе катастрофални последици – ерозии, свлечишта, поплави и загадување на резервоарот за вода. Дополнително, камионите што ја изнесувале дрвната маса го оштетиле локалниот пат, граден од самите жители, кој во делови поминува низ приватни имоти.
Од Владата објаснуваат дека станува збор за регуларна сеча на нискостеблест даб во шумско-стопанската единица „Пелистер – Брајчино“, со план одобрен од Министерството за земјоделство. Сечата преку јавен тендер е доделена на приватна компанија.
Мештаните не се согласуваат со овие тврдења и бараат ревидирање на планот. „Ако не се запре, за три години ќе снема над 30 илјади кубни метри дрвна маса. Планината ќе остане гола, а селото без вода“, велат тие.
Екологистите предупредуваат дека „свесно ги губиме белите дробови“ на државата, додека шумската мафија заработува и до 25 милиони евра годишно од нелегалната сеча. Решението, велат, е во почести пошумувања, поголема свест кај властите и построги казни за дивокрадците.
Фото – Љубојно Мк


