Македонците лани „вложиле“ 210 милиони евра – нов рекорд во спортско обложување
Македонските граѓани лани оставиле дури 210 милиони евра во спортските обложувачници, што значи дека дневно се трошат по 572.000 евра на тикети, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи, објавени од „Блумберг Адрија“.
Овој рекорд е само продолжение на растечкиот тренд – во 2021 година биле потрошени 180 милиони евра, а во 2022 – 190 милиони. Очигледно, и покрај економските предизвици, инфлацијата и сè поскапите основни производи, народот не штеди кога станува збор за „сигурица“ со квота 1.25.
За споредба, со овие пари државата би можела да изгради неколку училишта, болници или спортски сали – ама зошто да инвестираш во иднината, кога можеш да веруваш дека Андерлехт ќе даде гол во второ полувреме?
Во земја каде што просечната плата едвај стигнува до крајот на месецот, очигледно е дека за многумина спортското обложување станало и забава, и надеж, и стратегија за „екстра приход“ – а најчесто, тивка загуба.
Изгледа, кај нас шансите не се 50-50 – туку 210 милиони спрема нула.


