|

Промовирана новата артилериска опрема во касарната во Прилеп набавена од Република Турција

Во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп денеска свечено беше промовирана нова артилериска опрема за Армијата на Република Северна Македонија, набавена од Република Турција. Станува збор за значајна аквизиција која претставува чекор напред во модернизацијата и зајакнувањето на одбранбените капацитети на земјата.

Министерството за одбрана успешно реализира два големи договори со кои се обезбедени шест современи хаубици, целосно усогласени со НАТО стандардите. Овие моќни артилериски системи веќе се испорачани, а нивната главна намена е зголемување на огнената моќ и мобилноста на македонската Армија.

Дополнително, договорите предвидуваат набавка на специјализирана муниција со зголемен дострел, која ќе биде испорачана и платена во текот на 2026 година. Вториот дел од опремата опфаќа комуникациски и системи за контрола на оган, со што ќе се зголеми прецизноста и ефективноста на делувањето на артилериските единици.

„Ова не е само набавка. Ова е визија за Македонија како стабилна, сигурна и подготвена членка на НАТО Алијансата. Ова е порака дека државата станува сила што застанува на свои нозе“, беше истакнато на настанот.

Со ваквите набавки, Северна Македонија покажува јасна определба за градење на самостојна и професионална армија која е подготвена да одговори на безбедносните предизвици во рамки на НАТО и пошироко.

Слични Објави