Прилепската болница со нова медицинска опрема за урологија и ортопедија
Министерството за здравство набави два нови медицински апарати за Општата болница во Прилеп, со што значително ќе се подобри квалитетот на здравствените услуги. Станува збор за лапароскопски столб за Уролошкото одделение и артроскопски столб за Ортопедското одделение со 4К резолуција, во вкупна вредност од околу 20 милиони денари. Лапароскопскиот столб, од реномираната компанија Olympus, ќе овозможи изведување на два вида операции – лапароскопски и ендоуролошки. Оваа минимално инвазивна хируршка техника, која се изведува преку мали отвори на стомачниот ѕид, носи бројни придобивки за пациентите, како побрзо закрепнување, помалку болка и намален ризик од компликации. Од друга страна, новиот артроскопски столб од компанијата Smith & Nephew, кој располага со LCD екран и најсовремена технологија, ќе се користи за артроскопски интервенции на колено, рамо и скочен зглоб.

„ Денес имавме чест со посетата на министерот да ги промовираме двата нови апарати, лапароскоп и артроскоп, кои се врвно софистицирани од добро познати брендови во светот и со нив да продолжиме да работиме на повисоко ниво. Двата апарати се со 4К резолуција, што имаме многу подобра слика на ткивата на органите што ги работиме и тоа не дава право на грешка на докторот да во интервенцијата ќе ни биде многу лесната работата и се надевам дека пациентите нема да одат во други градови, туку ќе ги третираме во нашата болница. За другите одделенија, исто така во нареднава година, според планот за јавни нававки, имаме планирано опрема во повеќе одделенија, скоро во сите одделенија да набавиме нова, пософистицирана опрема за пациентите да бидат третирани во прилепската болница. Скоро во сите одделенија ќе имаме нова опрема, се очекува да имаме нов рентген дигитален, нов столб за анестезија, апарати за ЕЕГ, ЕМГ, ќе имаме новини на очното одделение, ќе имаме промена на светла во салите на хирургија, на гинекологија, исто така и за гинекологија, најверојатно треба да разговарам и со Министерството за и таму да се набави лапароскоп за гинеколошкото одделение, за и таму да се почнат со таков вид на интервенција,“ изјави директорот др. Кире Јоноски.
Со оваа инвестиција, прилепската болница го зајакнува капацитетот за дијагностика и третман, овозможувајќи подобри услови за пациентите и поквалитетна работа на медицинскиот персонал.


