|

Црна Река се излеа кај Демир Хисар, поплавени атарите и локален пат

Црна Река се излеа од своето корито и ги поплави атарите на демирхисарските села Бараково и Граиште. Според информациите од жителите, водостојот на реката и понатаму се зголемува и постои реална опасност од излевање во дворовите и куќите.

Поради поплавите, патниот правец Бараково – Вардино е целосно поплавен и непрооден за сообраќај.

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека, според податоците од хидролошките станици, најкритична состојба со можни излевања има во горниот дел од сливот на реката Вардар, особено во Полошката Котлина, каде се можни локални поплави и заезерувања.

Значително зголемен е и водостојот во сливот на реката Треска, каде исто така се можни локални излевања по течението. Во Охридско-Преспанскиот регион повисок е водостојот на реката Ресенска (Голема), како и во сливовите на реките Сатеска и Коселска.

Црна Река може да предизвика заезерувања и во Пелагониската Котлина, односно во Битолско-прилепскиот регион. На истокот од земјата зголемен е водостојот на горниот тек на реката Брегалница, како и во сливовите на Крива Река и Пчиња.

До крајот на денот се очекува висок водостој на реките, но поради заладување на времето и врнежи од снег на планините, можно е негово постепено стагнирање. Сепак, се очекува зголемување на водостојот на реката Вардар во средното течение, во Скопје и низводно до Велес, како и во долниот тек на Црна Река.

Од УХМР апелираат на претпазливо движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден.

Слични Објави