Транспарентност на локално ниво – законска обврска или далечна цел?
Според член 8 од Законот за локална самоуправа (ЗЛС), општините се должни да ги информираат граѓаните за својата работа, плановите и програмите, како и да овозможат пристап до основните информации за услугите што ги нудат. Оваа обврска подразбира транспарентност и достапност на податоци преку интернет-страниците на општините и други јавни канали.
Сепак, многу општини сè уште немаат донесено Стратегија за комуникација и Акциски план за комуникација, ниту формирано посебни сектори или ангажирано лица за односи со јавноста, со што се ограничува пристапот на граѓаните до потребните информации.
Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ги обврзува општините како иматели на јавни информации да:
- Објавуваат ажурирани податоци на интернет-страниците.
- Водат листа на достапни информации.
- Назначат службени лица кои ќе ги информираат граѓаните и ќе одговараат на нивните барања.
Иако законот предвидува бесплатен пристап до информациите, во пракса, голем дел од општините не ги исполнуваат овие обврски, што предизвикува незадоволство кај граѓаните и ја отежнува комуникацијата помеѓу локалната власт и јавноста.
Што добиваме од оваа транспарентност?
Транспарентната комуникација ја зголемува довербата на граѓаните кон институциите и ја подобрува нивната вклученост во процесите на донесување одлуки. Ова, пак, е клучен елемент за одговорно и отчетно управување на локално ниво.
———————————-
Податоците, кои општината треба да ги објавува се:
- податоци од своите надлежности што ги извршува;
- податоците за функционерот или одговорното лице;
- основни податоци за контакт со службеното лице за посредување со информации и
- за контакт со лице овластено за заштитено внатрешно пријавување;
- список на вработени во општината со позиција, службен имејл и службен телефон;
- законите кои се однесуваат на надлежноста на општината, поврзани со регистарот на прописи објавени во службеното гласило;
- прописите што во рамките на својата надлежност ги донесува општината во вид на подзаконски акт: правилници (правилник за внатрешна организација, правилник за систематизација на работните места, правилник за заштитено внатрешно пријавување и др.), уредби, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа се овластени со закон;
- органограм за внатрешната организација;
- стратешки планови и стратегии за работа;
- годишни планови и програми за работа;
- годишен буџет и завршна сметка;
- годишни финансиски планови по квартали и програми за реализација на буџетот;
- ревизорски извештаи;
- видови услуги што ги дава општината (информации за физичката достапност за остварување на услугите и информации за е-услугите, податоците за законските основи, називот на услугите, документите и податоците потребни за остварување на секоја од услугите, механизмите за правна заштита и други релевантни податоци);
- тарифници за надоместоци за издавање на реални акти;
- начинот на поднесување на барање за пристап до информации (начин на поднесување усно и писмено барање за пристап до информации, како и барање поднесено по електронски пат);
- целокупната документација за јавните набавки, за концесиите и за договорите зa јавно-приватно партнерство; предлог на програми, програми, ставови, мислења, студии и други слични документи кои се однесуваат на актите од надлежноста на општината, соопштенија до јавноста за работи преземени од нивната интернет-страница во согласност со законските надлежности, информативни билтени, службени гласила ако се обврска согласно со закон и друго;
- извештаи за работа кои ги поднесуваат до органите надлежни за спроведување контрола и надзор; статистички податоци за работата….


