| |

Жените и понатаму дискриминирани во наследувањето

Истражување со наслов „И женските деца се деца во поделбата на имотот на родителите“ на Организација на жени Битола открива поразителни факти за положбата на жените во наследувањето.

И покрај 21 век и борбата за родова еднаквост, жените од руралните средини и понатаму се соочуваат со дискриминација во наследувањето. Ова го покажува истражувањето спроведено од битолската Организација на жени Битола, кое открива дека повеќето жени се оштетени при поделбата на семејниот имот, а многу од нив и самите планираат да ја повторат истата грешка со своите ќерки.

Само 18% од анкетираните жени во руралните средини изјавиле дека нивните родители го поделиле имотот рамноправно меѓу сите деца. Во повеќето случаи, браќата добиваат поголем дел од наследството, а сестрите се задоволуваат со помал дел или пак остануваат без наследство. Особено алармантна е ситуацијата во семејства со по едно дете од секој пол, каде што во 82% од случаите имотот оди во рацете на синот.

„Оваа неправедлива практика не само што ги нарушува односите во семејството, туку и ги остава жените во незавидна положба, особено во подоцнежните години од животот“, изјави Светлана Петковска, претседател на Организацијата на жени Битола.

И покрај тоа што се оштетени, повеќе од половина од анкетираните жени кои не добиле еднаков дел од наследството, изјавиле дека планираат да ја повторат истата грешка со своите ќерки. Ова укажува на тоа дека стереотипите и традиционалните улоги се длабоко вкоренети во нашето општество и дека е потребно многу повеќе работа за да се промени оваа состојба.

„Овие резултати се алармантни и укажуваат на потребата од интензивирање на напорите за промовирање на родовата еднаквост и борба против дискриминацијата врз основа на пол“, истакнува Петковска.

Во делот на анкетата која е спроведена во битолските рурални средини интересни се и следните податоци.

  • 22% од испитаниците изјавиле родители го поделиле имот додека биле живи, а огромен процент од 78% родителите го оставиле неподелен.
  • Само 18% од испитаниците изјавиле дека имотот бил поделен еднакво меѓу сите деца.
  • Во случаите кога има една сестра и еден брат, 82% од наследството оди на братот.
  • Во 22% од случаите братот доброволно дал некој надоместок на сестрата.
  • 87% од анкетираните изјавиле дека по поделбата на имотот односите со братот се заладиле.
  • 36% од анкетираните кои го поделиле својот имот, се плашат дека ќе останат на улица.
  • 62% од оние кои не добиле никаков имот од своите родители не мислат да поделат рамноправно на своите деца.

Овие податоци јасно укажуваат на потребата од итна акција за адресирање на проблемот на родовата нееднаквост во наследувањето. Неопходно е да се преземат мерки за промена на законите и обичаите кои ја дискриминираат жената, како и за подигање на свеста за важноста на родовата еднаквост.

Организацијата на жени Битола ќе ја прошири оваа анкета и во градот Битола, а очекува слични резултати. Тие апелираат до сите женски организации да се вклучат во заедничка борба за подигање на свеста за ова прашање и за промена на законите и обичаите кои ја дискриминираат жената.

Слични Објави