| |

Општина Битола и „Специјална олимпијада – Битола“ потпишаа Меморандум за соработка

Општина Битола и Спортскиот клуб „Специјална олимпијада – Битола“ денес потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воспоставува стратегиска, долгорочна и одржлива соработка насочена кон развој на спортските активности и унапредување на инклузијата на лица со интелектуални попречености.



Меморандумот беше потпишан од градоначалникот Тони Коњановски, при што Општина Битола се обврзува да обезбеди институционална, логистичка и организациска поддршка за активностите и настаните на клубот. Поддршката вклучува и овозможување користење на спортските објекти согласно општинските услови и процедури, промоција на инклузивни спортски програми и јавни кампањи, како и соработка во креирање и развој на локални инклузивни политики и иницијативи.

Од своја страна, Спортскиот клуб „Специјална олимпијада – Битола“, предводен од претседателката Ана Котевска, ќе реализира спортски тренинзи, програми и активности согласно стандардите на „Специјална олимпијада“. Клубот ќе ја информира навремено општината за планираните активности од заеднички интерес, ќе работи на вклучување на лица со интелектуални попречености во спортски програми и натпревари и ќе соработува со општински институции, училишта и спортски субјекти во развојот на инклузивни спортски иницијативи.

Меморандумот се склучува на период од четири години, со можност за продолжување по меѓусебна согласност. Во рамките на соработката се предвидени и заеднички активности за организација на спортски манифестации, фестивали и јавни настани, промоција на инклузивните вредности и подигање на јавната свест, како и развој на програми за поддршка на тренери, волонтери и учесници, со цел одржлив развој на програмите на „Специјална олимпијада“ во Битола.

Слични Објави