|

Забрана за полнење плински боци – дозволена само замена!

Граѓаните веќе две недели не можат да ги наполнат своите плински боци на ниту една бензинска станица, поради воведена забрана која доаѓа како одговор на серијата несреќи предизвикани од неправилно ракување со боците. Според извори од бензинските, одлуката е донесена од менаџментите на станиците, со цел да се намалат безбедносните ризици.

Забраната се однесува на сите бензински пумпи, а единствената дозволена алтернатива во моментот е замена на празна боца за полна, исклучиво во овластени и лиценцирани претставништва.

Во разговор со вработен во Макпетрол, за порталот ОТВ, беше потврдено дека граѓаните можат да купуваат полни плински боци на бензинските станици на Макпетрол, но не и да ги полнат старите боци, оваа услуга не е достапна за жителите многу години. Овој систем функционира преку директна замена, при што празната боца се предава, а се добива нова со наполнет гас.

„Забрането е секое директно полнење на боци. Може само замена, по строги безбедносни процедури“, изјави вработениот за ОТВ.

Одлуката предизвика реакции кај граѓаните, кои велат дека не биле навремено информирани за промената, и дека замена на боца во официјално претставништво значи повеќе од 300 денари поголем трошок во споредба со досегашното полнење на бензинска станица.

Дополнително, граѓаните бараат јасни информации и поддршка од институциите, со предлог да се организираат повеќе лиценцирани пунктови за размена, или барем субвенционирани цени на заменските боци.

Официјално соопштение од надлежните институции или од сопствениците на поголемите бензински пумпи сѐ уште нема. Засега, граѓаните немаат друг избор освен да се прилагодат на новата реалност, иако многумина од нив се соочуваат со зголемени трошоци и ограничени можности за секојдневно функционирање. Од стручната јавност, пак, доаѓаат апели граѓаните да ја прифатат мерката како неопходна од безбедносни причини.

Слични Објави