СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ПО ПОВОД 25 ГОДИНИ ОД УЧЕСТВО НА ДЕМИРХИСАРСКИОТ БАТАЉОН ВО „ОПЕРАЦИЈА МХ”
Во организација на Општина Демир Хисар и Општинската организација на Сојуз на борци (ОО на СБМ) од Демир Хисар, а по повод 25 март – 25 години од учеството на Демирхисарскиот батаљон „Операција МХ”, достојно со пригодна и свечена церемонија во големата сала при Дом на култура „Илинден” се одбележа денот кој ќе остани во сеќавање во колективната меморија на демирхисарци, како: ден на храброст и одлучност, ден на патриотизам и љубов кон сопствената татковина. Овој значаен јубилеј претставува потсетник на храброста, пожртвуваноста и патриотизмот на нашите бранители, кои во клучни моменти од историјата дадоа немерлив придонес во одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.
Градоначалникот во своето обраќање упати искрена благодарност до сите кои пожртвувано се бореа, нагласувајќи дека нивната жртва и храброст се темел врз кој се гради нашата сегашност и иднина.
– Со посебна почит го истакнуваме придонесот на повеќе од 700 доброволци од Демир Хисар кои, во тие моменти покажаа подготвеност да застанат рамо до рамо со безбедносните сили. Тоа сведочи за силното чувство на заедништво и одговорност кон Македонија, кое секогаш се појавува кога е најпотребно. Вашиот придонес не е само дел од минатото – тој е вгграден во темелите на современа Македонија. Нашата обврска, како институции, но и како општество, е да ја чуваме вистината, да негуваме култура на сеќавање и да обезбедиме достоинствено почитување на вашата жртва и посветеност. Овие признанија се симболичен, но важен чин – знак дека, Демир Хисар знае да ги вреднува своите бранители и нивниот придонес. Во мое лично име и во име на општината, Ви изразувам искрена благодарност и длабока почит. Нека ни е вечна Македонија, истакна градоначалникот Најдовски.
Претседателот на Општинскиот одбор на СБМ – Демир Хисар, проф. д-р Менде Солунчевски, од името на ОО на СБМ и продолжувачи Демир Хисар, од име на ОРО Демир Хисар им честита за покажаната храброст, одлучност, вештини и патриотизам во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Р. Македонија. Солунчевски, исто така, подетално се осврна да говори за борбениот состав и за Операцијата „МХ”, која е најзначајниот настан за демирхисарските учесници – борци во војната во 2001 година.



