Во општина Битола свечен прием на интернационалните гости од “Илинденски денови“
Денес, за делегацијата од интернационалните гости од 54 издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, кои ги претставуваат САД, Боливија, Кореа, Србија, Северен Кипар, Турција, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, организираше свечен прием.
Градоначалникот Коњановски, им се заблагодари на гостите за нивното присуство во Битола, за енергијата и колоритот со кои низ песна и игра, промовирајќи ги своите традиции, култури, и специфичности, ја донесоа светската музика кај нас и внесоа посебна убавина на повеќе локации во градот.
Исто така, градоначалникот Коњановски, истакна дека во овој период Битола, посебно се разубавува, а светското шарнило, надополнето со музиката, играта и песната, никого не остава рамнодушен, истовремено овозможувајќи светска промоција на градот.
На денешната средба, во знак на добрата соработка и заедничката цел за градење силни културно – уметнички врски, беа разменети подароци и промотивни материјали, кои се дополнителна потврда на уште едно успешно издание на фестивалот „Илинденски денови“.