(видео) Втор собир на земјоделците од Пелагонија: Државата со поголем буџет, а субвенциите намалени
Земјоделци од Пелагонија, денес во Прилеп одржаа втора трибина на Националната земјоделска мрежа, на која повторно изразија незадоволство од Програмата за директни плаќања за 2026 година. На средбата, која беше од отворен карактер, земјоделците истакнаа дека иако упатиле јавна покана до надлежните институции, никој од нив не присуствувал.
Од трибината беше најавено дека ќе бидат формулирани конкретни барања кои во писмена форма ќе бидат испратени до Владата и Министерството за земјоделство, од каде ќе се бара официјален одговор во законски предвидениот рок.
Земјоделците посочуваат дека главниот проблем е новата програма за субвенции за 2026 година, со која не се согласуваат.
„Бараме програмата за 2026 година да се повлече и да важи програмата од 2025 година. Во новата програма има повеќе намалувања на субвенциите и критериуми кои многу земјоделци, особено помалите, нема да можат да ги исполнат“, беше истакнато на трибината.
Според нив, дополнителен проблем е што голем дел од субвенциите од претходните години сè уште не се исплатени. Како што беше посочено, заклучно со крајот на 2024 година, државата должи околу 2,4 милијарди денари или приближно 39 милиони евра, а со новите обврски сумата може да надмине 100 милиони евра.
Земјоделците бараат Владата итно да обезбеди средства и со забрзана динамика да започне исплата на заостанатите субвенции.
„Субвенциите се корисни само ако се исплатат навреме. Ако доцнат, земјоделецот нема средства за ѓубрива, семе и ново производство“, истакнаа присутните.
На трибината беше посочено и дека со новата програма се намалуваат субвенциите во повеќе сектори. Како пример беше наведено дека субвенцијата за пченица се намалува од 19.000 на 18.000 денари, за јачмен од 19.000 на 13.000 денари, за сончоглед од 16.500 на 10.500 денари, додека субвенцијата за тутун е намалена од 100 на 80 денари по килограм.
Сточарите, пак, предупредија дека состојбата во секторот е особено тешка. Тие бараат итна исплата на субвенциите за добиток и враќање на поддршката од 12.000 денари по грло, наместо сегашните 8.000 денари.
„Сточниот фонд постојано се намалува. Во многу села речиси и да нема крави, а увозот на млеко дополнително го отежнува опстанокот на фармерите“, истакнаа сточарите.
Дополнителен проблем, според нив, се и ограничувањата при точење гориво на бензинските пумпи, што создава потешкотии за земјоделските работи во пресрет на пролетната сеидба.
Од трибината беше упатен апел Владата да воведе мерки за поддршка на домашното производство, меѓу кои и можност за ограничување на увозот на брашно, како и поголема поддршка за производителите на храна.
Земјоделците најавија дека ќе продолжат со активности и дека ќе бараат директен дијалог со институциите за изнаоѓање решение за проблемите во секторот.



