Нови правила за пушење: тераси, отворен покрив и посебен влез за непушачите

Предлог-законот за заштита од пушење ќе се најде на дневен ред на седница на Влада на Република Северна Македонија на 24 март, по што ќе биде доставен во понатамошна собраниска процедура.

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека по спроведените консултации со сите засегнати страни, текстот на законот е финализиран и се очекува негово усвојување во релативно краток рок.

Согласно предложените решенија, угостителските објекти ќе имаат обврска да обезбедат физички одвоен влез за делот во кој не е дозволено пушење, со цел заштита на граѓаните од изложеност на тутунски чад.

Во однос на користењето на терасите, како простор каде ќе биде дозволено пушење, во предлог-законот е предвидено тие да имаат најмалку две отворени страни, наместо претходно предложените три. Дополнително, како отворена површина ќе може да се смета и кровот, што, според надлежните, овозможува соодветна циркулација и прочистување на воздухот.

Од Министерството посочуваат дека предложените измени се резултат на анализа која ги опфаќа здравствените стандарди, но и економските и инфраструктурните услови во кои функционира угостителскиот сектор.

Законот првично беше најавен да започне со примена од 1 март, но неговото донесување беше одложено поради реакциите на угостителите и претставници на тутунската индустрија.

Министерството очекува со новите мерки да се намали бројот на пушачи, кој моментално изнесува околу 45%, со амбиција во наредните години да падне под 20%.

Слични Објави