100.000 денари во спортски реквизити за битолските училишта пред „Мини трчај бе“
Во пресрет на детската трка „Мини трчај бе“, која ќе се одржи на 1 јуни, Здружението „Трчај бе“ заедно со Атлетската федерација на Македонија и оваа година продолжуваат со хуманиот пристап кон поддршка на спортот во основното образование.
Денес, во Битола беше реализирана донација на спортски реквизити во вредност од 100.000 денари. Донацијата вклучува пречки и конуси, наменети за основните училишта во градот, со цел унапредување на наставата по физичко образование и поттикнување на младите кон атлетиката.
Организаторот на трката, Никола Димитровски, изрази благодарност до наставниците по физичко образование за нивната досегашна соработка и поддршка, потенцирајќи дека тие се клучен фактор за успешна реализација на вакви настани. Тој воедно повика училиштата проактивно да ги идентификуваат своите идни потреби од спортска опрема, со цел тие да бидат вклучени во следните донации.
„Мини трчај бе“ е настан кој годинава се организира по втор пат, а претставува вовед во поголемата трка „Трчај бе“, која веќе стана препознатлива спортска манифестација во државата, со цел промоција на здрави животни навики и активно детство.