Уништени 110 килограми небезбедна храна во болнички кујни – Вонредна инспекција на АХВ

Инспекторите затекнале низа недоследности – нерегистрирани оператори со храна, нехигиена, наталожени маснотии во кујната, неводење записи, несоодветно одржување на опремата, оштетени ѕидни и подни површини

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) минатата недела извршила вонредни инспекциски надзори во болничките кујни во земјата, при што открила и уништила 110 килограми небезбедна храна. Оваа акција беше дел од 43 спроведени инспекции во рамки на проверките на безбедноста на храната и исполнувањето на законските обврски од страна на операторите со храна.

„Цел на вонредните контроли во кујните беше контрола дали кујните се регистрирани како оператори со храна, дали и колку ги исполнуваат општите и посебните барања за хигиена, барањата за безбеднсот кои се однесуваат на вработените лица во кујните, примената на правилата за Добра хигиенска пракса и Добра производствена пракса и НАССР процедурите, следливоста, потеклото на суровини, манипулацијата со храна и исполнувањето на микробиолошките критериуми на храната“, информираа од АХВ.

Целта на вонредните инспекции беше да се провери дали болничките кујни се регистрирани како оператори со храна, дали ги исполнуваат хигиенските стандарди и дали се применуваат добрите производни и хигиенски пракси. Според извештајот на АХВ, 5 кујни не биле регистрирани како оператори со храна, а 4 од нив не ги исполнувале техничките барања за безбедност, со оштетени простории за подготовка на храна.

Освен тоа, 8 кујни не ги задоволувале критериумите за добра хигиенска и добра производна пракса, што е клучно за осигурување на безбедноста на храната. Инспекциите откриле бројни недостатоци, меѓу кои нехигиенски услови, наталожени маснотии, несоодветно одржување на опремата и оштетени ѕидни и подни површини.

Дополнително, во некои од кујните не биле водени потребните записи, а некои вработени не поседувале сертификати за завршени обуки по хигиена на храна, што е обврска според законот. Во резултат на овие пропусти, АХВ донесе 15 решенија со наредби за отстранување на недоследностите и изрече 5 парични казни.

Од АХВ најавуваат дека продолжуваат со интензивни инспекциски надзори.

Слични Објави