„40% од административците или ништо не работат или бараат начин како да не дојдат на работа“ – Минчев
Околу 40 проценти од вработените во јавната администрација не ги извршуваат своите обврски или се обидуваат да ја избегнат работата, изјави министерот за јавна администрација, Горан Минчев. Тој порача дека администрацијата не смее да биде „заштитена зона“ и дека платата мора да биде поврзана со реалниот ангажман.
Во своето обраќање при претставувањето на отчетот за работата на министерството, Минчев посочи дека во секоја институција постојат три категории на вработени.
„Една група, од околу 25 до 30 проценти, го носи најголемиот дел од товарот и работи континуирано. Втората група е делумно вклучена во процесите, но не со полн капацитет. Третата, која опфаќа околу 40 проценти, е резултат на партиски, роднински и други нефункционални вработувања и не покажува работна ангажираност“, рече министерот.
Тој најави мерки за вклучување на сите административци во активен работен процес, преку обуки, пренамена на работните задачи и утврдување на обврски. Според Минчев, нема да има простор за формално вработување без реален придонес.
Министерот потенцираше дека формирањето на Министерството за јавна администрација било сигнал за прекин со праксата на политички и непрофесионални вработувања. Новите вработувања ќе се одвиваат преку три филтрациони нивоа, со цел обезбедување компетентен кадар.
Како значајна промена ја издвои и корекцијата на методологијата за етничка застапеност, позната како балансер, нагласувајќи дека идните вработувања ќе се темелат на податоци за резидентното население.
Минчев укажа и на сè помалиот интерес кај младите за работа во администрацијата, поради ниските примања.
„Платата е ниска и недоволно мотивирачка. Просечната возраст на вработените расте, а недостигот од кадар станува се поизразен. Во наредните 5 до 10 години, може да се соочиме со сериозен недостиг на активен административен персонал“, предупреди тој.
Тој додаде дека законските решенија кои произлегле од јавни консултации веќе се во завршна фаза и наскоро ќе бидат разгледани во Собранието.
Реформата на јавната администрација, рационализацијата и подобрувањето на ефикасноста се редовно наведени во извештаите на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија. Според Минчев, тековните мерки се насочени кон унапредување на институционалниот капацитет и кон создавање одржлива, транспарентна и функционална јавна администрација.